Top Sport

Италија без Синер ќе ја брани титулата во Дејвис купот

Четирикратниот шампион на Гренд слем турнирите, Јаник Синер, нема да биде дел од италијанската репрезентација на финалето турнир на Дејвис купот во Болоња.

Со денови се шпекулираше дека вториот тенисер во светот ќе го прескокне споменатото натпреварување, а во понеделник беше потврдено дека нема да биде во националниот тим.

„Синер не го потврди учеството во Дејвис купот. Дејвис купот беше и секогаш ќе биде негов дом и сигурен сум дека наскоро ќе се врати во тимот. Во меѓувреме, имам тим подготвен да се бори и да даде сè за синиот дрес. Болоња ќе биде уште една возбудлива авантура. Ги познавам овие момци и сигурен сум дека иднината ќе ни донесе големо задоволство“, рече Филипо Воландри, тренер на италијанската репрезентација.

Италија го брани трофејот освоен минатата година, а Воландри ги повика Лоренцо Мусети (осми на АТП листата), Флавио Коболи (22), Матео Беретини (59), Симоне Болели (14-ти во двојки) и Андреа Вавасори (15-ти во двојки).

Фајнал Ејт турнирот в Дејвис купот ќе се одржи од 18 до 23 ноември, а Италија ќе се сретне со Австрија во четвртфиналето. Преостанатите двојки се: Франција – Белгија, Шпанија – Чешка и Аргентина – Германија.

Пред неколку дена, Синер го победи Карлос Алкараз во финалето на егзибицискиот турнир во Ријад и се врати од Саудиска Арабија со неверојатни шест милиони долари.

Foto/ EPA

Scroll to Top