Top Sport

ИТФ не ги откажува кинеските турнири за да не казни „милијарда луѓе“

Интернационалната тениска федерација (ИТФ) реши да не го следи чекорот на ВТА турнејата и да ги откаже тениските турнири во Кина поради „исчезнатата“ Пенг Шуаи, велејќи дека така само би се „казниле милијарда луѓе“.

Женската тениска турнеја (ВТА) минатата недела реши да ги суспендира сите турнири во Кина, и покрај тоа што тоа е најголемиот растечки пазар, поради загриженоста за добростојбата на поранешна гренд слем шампионка во двојки, Пенг Шуаи, која минатиот месец го обвини поранешниот вице-премиер на Кина за сексуален напад.

Тие не беа разубедени од видеата кои ги објавија кинеските медиуми на кои се гледа 35-годишната Пенг, ниту од двата разговори кои претседателот на ИОЦ, Томас Бах ги имаше со тенисерката.

ИТФ, тениската организација која е задолжена за понискорангираните турнири од ВТА и АТП, како фјучрс турнирите, и за Дејвис купот, објави дека нема да го следи овој чекор, потврди претседателот Дејвид Хагерти.

„Обвинувањата мора да се испитаат, но ќе продолжиме да работиме зад сцената за да стигнеме до решение. Но, ИТФ е федерација за цел свет и одговорни сме за развојот на тенисот. Не сакаме да казниме милијарда луѓе, така што јуниорските и сениорските турнири засега ќе продолжат во Кина”, изјави Хагерти.

Scroll to Top