Top Sport

Иванишевиќ: Новак ги чека Австралијците

Тренерот на Новак Ѓоковиќ, Горан Иванишевиќ признава дека српскиот тенисер чека одлука на австралиските власти за можен настап на Австралија опен во јануари.

Оваа година Ѓоковиќ беше депортиран од Мелбурн по долгата сага околу неговото одбивање да се вакцинира, и депортирањето значи дека тој има забрана за влез во земјата во следните три години. Но, постои надеж дека ова правило ќе се смени за деветкратниот шампион од Мелбурн.

„Јасно е дека Новак ќе игра на АТП финалето во Торино и уште не е јасно дали ќе патува на Мастерсот во Париз. Тој го нема сменето своето мислење за вакцинација, така што ќе треба да се почека на одлуката на Австралијците. Новак повторно игра фантастично и покрај тоа што имаше долга пауза по Вимблдон“, вели Иванишевиќ во интервју за хрватскиот „Јутарњи лист“.

Тој признава дека постои одредена фрустрација за „ловот“ на тениските рекорди откако не му беше дозволен настап на САД опен поради вакцинацијата.

„Новак е заинтересиран за сите тениски рекорди. Останува да се види уште колку ќе игра, но ако продолжи во ваква форма може да ги сруши сите рекорди. Секогаш бил физички и ментално подготвен, така што има барем уште три години добра игра“, вели Хрватот.

Scroll to Top