Top Sport

Јапонски кануист ставал стероиди во пијачката на ривалот!

Јапонскиот натпреварувач во кану на мирни води, Јасухиро Сузуки го очекува доживотна суспензија откако признал дека ставил анаболички стероиди во пијачката на неговиот ривал Сеиџи Комацу за да ги уништи неговите соништа за настап на Олимпијадата.

Според новинската агенција „Кјодо“, Сузуки се извинил на Комацу, кој паднал на допинг-тест на националниот шампионат во септември. Истрагата на Јапонската кану федерација (ЈЦФ) докажа дека Сузуки направил повеќе обиди да го саботира ривалот, а понекогаш му крадел и од спортската опрема.

„Наместо да работам напорно, направив многу грешки како спортист, но и како член на општеството“, се вели во изјавата на Сузуки.

Тој првично доби осумгодишна суспензија од анти-допинг агенцијата, но ЈЦФ бара доживотна суспензија.

25-годишниот Комацу беше суспендиран по позитивниот тест, но му се дозволило да се натпреварува и да се подготвува за Олимпијадата во Токио во 2020 по признанието на Сузуки.

„Прво не ми се веруваше дека такво нешто е можно. До признанието на г-динот Сузуки бев во лоша позиција и почнав да се откажувам од олимпискиот сон“, изјави Комацу.

Scroll to Top