Top Sport

Каков шок! Кевин Андерсон го „уништи“ Федерер во маратонски меч

Јужноафриканецот Кевин Андерсон ја забележа најголемата победа во кариерата, совладувајќи го Роџер Федерер со 2:6/6:7(5)/7:5/6:4/13:11 и прекинувајќи ја неверојатната низа на Швајцарецот во уште поневеројатен меч на „Теренот број 1“ на Вимблдон.

Андерсон ќе игра во полуфиналето  на гренд слемот на трева против подобриот од дуелот Милош Раонич-Џон Изнер, откако успеа да спаси меч-топка во третиот сет и да го направи можеби подвигот на неговата кариера. Во претходните четири меча против швајцарскиот великан, Андерсон немаше освоено ниту еден сет.

„Само си кажував дека морам да верувам и дека денеска е мојот ден. Првиот сет го загубив за само 26 минути и морав да останам ментално подготвен. Беше тешко да се задржи концентрацијата во петтиот сет. Сега морам да се смирам и да бидам подготвен за мечот в петок“, изјави 32-годишниот Андерсон по дуелот од 4 часа и 13 минути.

Федерер пред мечот немаше загубено сет на турнирот и очигледно цела сезона беше фокусирана кон освојување на деветта титула од најголемиот тениски турнир на планетата. Ова е најран пораз на Федерер на Вимблдон по тој во второто коло од Серхиј Стаховски во 2013 година.

Новак Ѓоковиќ веќе влезе во полуфиналето и го чека подобриот од мечот Рафаел Надал-Хуан Мартин дел Потро, кој е во тек.

Фото: ЕПА

Scroll to Top