Top Sport

Карлос Алкараз го победи Ѓоковиќ за прва титула на Вимблдон

Шпанецот Карлос Алкараз е победник на годинашното издание на гренслем турнирот Вимблдон откако во финалето во Лондон во маратонски меч во пет сета (1:6, 7:6, 6:1, 3:6, 6:4) го победи Новак Ѓоковиќ. Тоа е прва негова титула на престижниот Вимблдон, вкупно втор гренслем трофеј во кариерата.

20-годишното момче успеа да го надигра искусниот Ѓоковиќ, покажувајќи дека пред него е неверојатно светла иднина, а за неговиот квалитет доволно говори фактот дека веќе е прв светски рекет.

Ѓоковиќ одлично го отвори мечот и го доби првиот сет со 6:1 во гемови. Се чинеше дека Карлос Алкараз има преголема трема, но тој успеа да се врати во вториот и го освои во тај-брејк. Србинот имаше сет-топка која не ја искористи, а тоа го искористи Алкараз и го доби со 8:6 на поени.

Шпанецот продолжи во одличен ритам и во третиот сет, го освои експресно со 6:1 во гемови, но Ѓоковиќ не се предаде. Се врати во четвртиот сет со 6:3 во гемови.

Драмата продолжи во петтиот сет. Алкараз брзо направи брејк, а потоа и имаше сили да го задржи до крајот за 6:4 и за конечен триумф над Новак Ѓоковиќ.

Scroll to Top