Анџелик Кербер ја освои титулата на Вимблдон во женска конкуренција. Германката во финалето ја победи Серена Вилијамс со 6:3, 6:3.
Кербер и се реваншира на Серена за поразот во „Олд Ингланд клубот“, во 2016 година и ја освои првата титула на Вимблдон. Од друга страна Серена не успеа да стигне до осмиот трофеј на Вимблдон.
Кербер одлично сервираше и во секој момент максимално ги користеше грешките на противничката. Со одличниот ритерн, уште на почетокот успеа да го неутрализира сервисот на ривалката.
„Неверојатно искуство за мене. Не очекував дека ќе стигнам толку далеку. Можеби е разочарување што загубив, но лично не можам да сум разочарана. Јас не сум супер мајка, меѓу нас има многу мајки. Среќна сум што се вратив и што го правам она што го сакам. Среќна сум и за Кербер, таа е прекрасна личност, добра пријателка. Сихгурна сум дека ужива во ова“, рече Серена по завршувањето на мечот.
Новата шампионка е првата Германка по Штефи Граф од 1996 година која успеа да го освои Вимблдон.
„Серена е огромна инспирација за сите нас што имаме можност да ја гледаме. Сигурна сум дека многу бргу ќе освои нова гренд слем титула. Знаев дека против големата шампионка ќе морам да го играм мојот најдобар тенис. Ова е прва титула за Германија уште од Штефи. Знам колку е значајна“, изјави Кербер.