Поранешната докторка на кинескиот олимписки тим, Ксуе Јинксијан открива дека повеќе од 10.000 од кинеските спортисти биле вклучени во систематска допинг програма во сите спортови, и дека сите медали во сите спортови во 1980-тите и 1990-тите биле постигнати со помош на недозволени средства.
79-годишната Ксуе бара политички азил во Германија и тврди дека на спортистите им се одредувала задолжителна допинг-програма од нивната 11-годишна возраст и тоа во фудбалот, атлетиката, пливањето, одбојката, кошарката, пинг-понгот, скоковите во вода, гимнастиката и кревањето товар. Таа додава дека сите кои се побуниле за програмата се во затвор.
„Во 1980-тите и 1990-тите, кинеските спортисти во националните тимови постојано користеа допинг. Медалите беа извалкани од допингот. Мора да има повеќе од 10.000 луѓе кои беа вклучени. Тие веруваа во допингот и ако некој земаше допинг беше сметано дека ја брани нацијата“, изјави Ксуе во документарен филм на германската телевизија АРД.
Ксуе работеше како доктор во повеќе кинески репрезентации од 1970-тите, пред да пребега од Кина со нејзиниот син во 2012 година бидејќи не се чувствувале безбедни во Пекинг. Таа била отпуштена од тимот откако одбила да даде допинг-средства на гимнастичари на Олимпијадата во Сеул во 1988 година, но останала да работи во кинескиот спорт. Новинарите на АРД се обидоа да контактираат со Кинескиот олимписки комитет и Кинеското министерство за спорт, но не добија никаков одговор.
Околу спортските успеси на Кина постојано имаше сомнежи дека се користат недозволени средства, но никогаш не се тврдеше дека се работело за систематски допинг. Во февруари, атлетичарите кои работеа со контроверзниот тренер Ма Џунрен, и кои освоија 66 национални и светски рекорди, потврдија дека морале да земат недозволени средства.