Интернационалниот олимписки комитет (ИОЦ) откри дека добил понуда од Кина да обезбеди вакцини за КОВИД-19 за сите учесници на Олимпијадите во Токио ова лето и во Пекинг во 2022 година.
ИОЦ лани ги одложи Летните игри во Токио за оваа година, но има големи сомнежи околу оддржувањето поради пандемијата на корона вирусот, и сега Кина се нуди да ги плати сите трошоци.
„ИОЦ доби одлична понуда од Кинескиот олимписки комитет, домаќинот на Зимската Олимпијада во Пекинг во 2022 за дополнителни дози на вакцини за сите учесници на Токио 2020 и Пекинг 2022“, потврди претседателот на ИОЦ, Томас Бах.
ИОЦ засега не бара задолжителна вакцинација за тие кои ќе учествуваат на овие две Олимпијади, додека организаторите во Токио објавија детален план за учесниците со социјално дистанцирање, забрана за користење на јавен транспорт, но и забрана за странски навивачи на најголемото спортско натпреварување.