Македонскиот планинар и планински тркач Александар Кирковски постави нов македонски брзински рекорд на највисокиот врв во Европа, Елбрус што се наоѓа на надморска височина од 5.642 метри.
„Стартував од подножјето на планината (Азау 2.350 мнв) во шест часот и движејќи се соло без никаква логистика го искачив врвот за 5 часа и 18 минути подобрувајќи го своето минатогодишно остварување за 17 минути (5 часа 35 минути). Рутата е долга околу 13 км со близу 3.300 висински метри во сурови услови и ниски температури, а дополнителна потешкотија е пореткиот воздух кој на врвот Елбрус 5.642 мнв го има за околу 50 отсто помалку во однос на морското ниво. Соло искачувањето е бара повеќе напорт, но на ваков чекор се решив бидејќи трката до врвот на која треба да учествуваме на 7.мај можно е да се промени поради влошување на времето.”
Врвот Елбрус се наоѓа на масивот Кавказ во Русија и годишно го искачуваат голем број планинари, но вообичаеното потребно време за класично искачување е два до три дена притоа користејќи и жичара до одредена точка. Брзинското искачување на високите планински врвови во светот е релативно понов тренд кој се јавува во последните 20-тина години.
Александар минатото лето постави македонски брзински рекорд и на највисокиот алпски врв, Мон Блан 4.810 мнв, за 6 часа 26 минути до врвот и назад.
Акцијата е дел од програмата на Федерацијата на планинарски спортови на Македонија, а во тимот се уште Дејан Тодевски, Димитар Тодоровски и Петар Ивановски. Кирковски потфатот го посветува на пријателите планинари кои минатата зима трагично настрадаа на Кајмакчалан, Калина Велевска и Александар Миновски.