Top Sport

Клучниот ден за Русија – ИОЦ одлучува за настапот на Зимската олимпијада

Вечерва, очите на руската спортска јавност ќе бидат насочени кон Швајцарија, поточно кон седиштето на Интернационалниот олимписки комитет (ИОЦ) во Лозана, кога претседателот Томас Бах ќе објави дали Русија ќе добие шанса да настапи на Олимпијадата во Пјеонгчанг во 2018 година.

За олимписката велесила и домаќинот на фудбалскиот Мундијал следната година, можноста да бидат исфрлени од Олимписките игри изгледаат незамисливо, но на 65 дена од стартот на Игрите во Пјеонгчанг, сите показатели велат дека ќе се случи токму тоа.

Германецот и бордот на ИОЦ ги разгледуваат последните извештаи на Светската анти-допинг агенција (ВАДА) и на специјалната комисија под водство на поранешниот швајцарски претседател Самуел Шмид, која 16 месеци ги разгледуваше доказите за државен допинг во Русија за време на претходната Олимпијада во Сочи во 2014 година.

Ова може да биде една од најважните одлуки во неодамнешната историја на ИОЦ, и можеби клучен момент во борбата против допингот. Пред Летната олимпијада во Рио во 2016, ИОЦ исто така ја разгледуваше можноста да го суспендира рускиот тим, но се реши да го препушти тоа на спортските федерации – за на крајот само ИААФ да ги суспендира руските атлетичари, кои остануваат без шанса да се натпреваруваат на големите натпреварувања.

Блиското пријателство на Бах со рускиот претседател Владимир Путин беше критикувано во западните медиуми, но сега се верува дека Германецот наместо да се реши за финансиска казна, ќе мора да оди со „цврста рака“ и да ги исфрли Русите од Олимпијадата, откако во изминатите 30 дена беа суспендирани дури 25 натпреварувачи од Сочи 2014.

„Соломонско решение“ би било руските спортисти да добијат дозвола да настапат на Игрите, но без знамето и химната, нешто што за гордите Руси сигурно би било полошо решение од целосната суспензија.

„Тоа би било целосно нефер. Не можам да ги советувам ИОЦ, но се надевам дека ќе помислат на младите и ’чисти’ спортисти за кои ова треба да е првата Олимпијада. Гордоста кога се гледа националното знаме не може да биде надоместена“, вели поранешната олимписка лизгачка, Светлана Журова.

Наместо суспензија, сè поблиску до руски бојкот на Олимпијадата

Мутко: Русија не е виновна за допинг-скандалот, туку ИОЦ и ВАДА

Scroll to Top