Top Sport

Колинс 53. на ВТА листата го освои Мастерсот во Мајами

Американската тенисерка Даниел Колинс ја освои титулата на Мастерсот во Мајами, Таа во финалето ја победи четвртата тенисерка во светот Елена Рибакина од Казахстан по два сета 7:5, 6:3.

Колинс, 53. на ВТА листата ја освои титулата по два часа и две минути игра. Американката прв пат во кариерата освои титулата на турнир од серијата 1.000.

Во првиот сет тенисерите добиваа гемови на свои сервиси до последниот 12-ти гем кога Колинс направи брејк и поведе во мечот.

Таа добро го започна вториот сет и по брејк во вториот гем поведе со 2:0. Рибакина веднаш го врати брејкот, по што и двете добија гемови на свои сервиси до осмиот, кога Колинс направи нов брејк и поведе со 5:3.

Американската тенисерка потоа сервираше за победа и ја искористи четвртата меч топка.

Колинс стана најслабо рангираната тенисерка која освоила титула на Мајами опен, а од понеделник ќе се искачи на 22. место на ВТА листата.

Колинс на почетокот на годината изјави дека на крајот на сезоната ќе ја заврши кариерата.

Рибакина остана на седум титули, а втора година по ред загуби во финалето на турнирот во Мајами.

Scroll to Top