Top Sport

Конечна одлука! Ѓоковиќ ја загуби жалбата, ќе биде депортиран од Австралија

Светскиот број 1, Новак Ѓоковиќ го загуби последниот обид да остане во Австралија и да игра на Австралија опен, првиот гренд слем од сезоната, откако федералниот суд ја потврди владината одлука да му се откаже визата за влез во земјата под образложение дека 34-годишниот деветкратен шампион од Мелбурн претставува закана за јавното здравје.

Ова значи дека Ѓоковиќ нема да ја брани титулата од Австралија опен и да оди на рекордна 21. гренд слем титула на турнирот кој започнува утре, а покрај тоа ќе значи дека нема да може да се врати во земјата во следните три години.

Србинот чекаше тројцата судии да одлучат дали ќе може да остане во Австралија, каде што веќе утре требаше да игра со сонародникот Миомир Кецмановиќ во првото коло на турнирот. Ова беше втор обид да ја врати визата, и овојпат дебатата се фокусираше на ставовите на Ѓоковиќ околу вакцинацијата.

Легалниот тим на Ѓоковиќ тврдеше дека министерот за имиграции, Алекс Хоук, кој му ја откажа визата, погрешно ги интерпретирал медиумските извештаи за неговиот став за вакцинацијата и дека нема докази дека присуството на Ѓоковиќ ќе предизвика анти-ваксерски немири меѓу Австралијците.

Со ова се става крај на драмата околу Ѓоковиќ, кој пристигна во Мелбурн на 6 јануари, по што беше сместен во хотел за имигранти кога првпат му беше откажана визата.

Scroll to Top