Конор Мекгрегор има план за фантастична 2020 – по неговиот камбек против Доналд Серон во јануари, планира ри-меч со Хабиб Нурмагомедов и дуел со Хорхе Масвидал во богата година.
31-годишниот Мекгрегор, конечно, ќе се врати во октагонот на 18 јануари против ветеранот „Каубој“ Серон во прв меч по поразот од Нурмагомедов во октомври 2018 година. Според неговиот тренер, Овен Роди, Ирецот ќе „примора“ ри-меч против кралот во лесната категорија, Нурмагомедов, по што ќе го предизвика и Масвидал, ѕвездата во велтер категорија.
„Тоа е големиот план, тоа е нешто што тој сака да го направи. Јас секогаш велам: Кога Конор ќе сака да направи нешто, ќе го направи. Но, прво да го суредиме Серон, кој е опасен противник и ветеран со многу трикови. Конор е подготвен“, вели Роди.
Мекгрегор двапати се бореше во велтер категорија, прво губејќи од Нејт Дијаз, а потоа добивајќи го ри-мечот во 2016 година. Нурмагомедов постојано изјавува дека нема да му даде ри-меч на Ирецот, меѓутоа шефот на УФЦ, Дејна Вајт најави дека ри-мечот е можен, посебно бидејќи ќе донесе многу долари за двајцата.
Самиот Конор, пак, не престанува со навредите кон Дагестанецот, нарекувајќи го „исплашен стаорец“.