Top Sport

Корда му предаде на Хачанов, Рибакина убедлива против Остапенко

Карен Хачанов е првиот полуфиналист на машкиот дел од турнирот во Мелбурн. Во женска конкуренција, место меѓу најдобрите четири избори Елена Рибакина.

Рускиот тенисер водеше со 7:6 (5), 6:3, 3:0 кога Себастијан Корда го предаде мечот поради повреда.

Почетокот ветуваше дека ќе гледаме навистина возбудлив натпревар и џиновска борба, но повредата на зглобот на раката со која се здоби Себастијан Корда во вториот сет многу му ја олесни работата на Хачанов.

Хачанов во полуфиналето ќе игра со победникот од мечот Стефанос Циципас и Јиржи Лехечка.

Кај дамите дуелот на грен слем шампионките го доби Рибакина. Актуелната шампионка на Вимблдон славеше во два сета против Елена Остапенко, која во 2017 година го освои Ролан Гарос.

Русинката која се натпреварува под знамето на Казахстан победи со 6:2, 6:4. Инаку, во претходното коло, Рибакина ја елиминираше светската број 1, Ига Швјонтек.

Во полуфиналето, Рибакина ќе игра со победничката од мечот меѓу Џесика Пегула и Викторија Азаренка.

Scroll to Top