Top Sport

„Кралот на Рио“ конечно се пензионираше: Легендарниот Алдо ги закачи ракавиците со солзи

Еден од најголемите ММА борци на сите времиња, 39-годишниот Бразилец Хозе Алдо, го потврди своето пензионирање од спортот вторпат, и тоа го направи во исклучително емотивен момент пред својата домашна публика.

„Кралот на Рио“, како што беше официјално наречен, не можеше да избере подобро место за да се збогува со својата неверојатна кариера, и тоа го направи на настан на UFC во Рио де Жанеиро.

Во преполната Фармаси арена, поранешниот шампион доби шанса да се збогува на вистински начин, откако неговото последно враќање во кафезот не ги донесе посакуваните резултати.

Минатата година беше поразен од Марио Баутиста на УФЦ 307, а во мај оваа година, по проблемите со намалувањето на тежината за бантам категоријата, загуби од Ајеман Захаби на УФЦ 315.

Веднаш по почетокот на главниот дел од настанот на УФЦ Рио, Хозе Алдо, придружуван од неговото семејство, влезе во октагонот носејќи пар ракавици.

Борејќи се со солзите додека публиката гласно му аплаудираше на секој потег, тој симболично ги постави ракавиците на средина од кафезот, означувајќи го крајот на неговата славна кариера. Алдо го објави своето прво пензионирање од спортот уште во септември 2022 година, но тоа траеше малку помалку од една година.

Во својата кариера, тој имаше 42 борби, забележа 32 победи и 10 порази. Секако, најболната за него беше онаа од 2015 година, кога беше поразен од Конор Мекгрегор по само 13 секунди од борбата со класичен нокаут.

Scroll to Top