Мирко Филиповиќ Кро Кап во недела (11.15 часот) ќе се врати во рингот против Роке Мартинез во Јапонија и Хрватот вели дека е подготвен за својот 51. меч во кариерата и покрај повредата на коленото поради која паузираше подолго време.
„Тоа е во минатото, иако сите ме прашуваат само за коленото. Се плашам дека ќе скршам нешто тука на прес-конференцијата бидејќи сто пати морам да кажувам дека сум добро. Имав тешка повреда и операција, но тоа е во минатото“, вели Филиповиќ.
44-годишниот ветеран во недела ќе влезе во рингот против 12 години помладиот борач од Гуам, и вели дека е интересно што помладите го предизвикуваат.
„Роке можеби е помлад, но ветувам тоа нема да се примети. Сакам да останам непоразен во РИЗИН и тоа ќе го покажам в недела – мене не можат да ме победат. Не е на моето ниво. Убаво е што младите момци сакаат да ме предизвикаат, бидејќи тоа значи дека моето име уште значи нешто“, заврши Филиповиќ.