Top Sport

„Лауреус“ наградите во рацете на Новак Ѓоковиќ и Симон Бајлс (видео)

Светскиот тенисер број 1, Новак Ѓоковиќ по четврти пат ја освои „Лауреус“ наградата за најдобар спортист по фантастичниот кам-бек во кој освои две гренд слем титули и се врати на првото место на АТП листата, додека американската гимнастичарка Симон Бајлс е најдобрата спортистка по неверојатниот успех – шесте медали (од кои четири златни) на Светското првенство во 2018.

Кога сите мислеа дека Ѓоковиќ полека ќе се откажува од спортот по низата повреди и слабата форма, тој имаше неверојатна 2018 во која победи на Вимблдон и на САД опен. Само неговиот ривал на теренот, Роџер Федерер со пет вакви награди е пред него. Четири трофеи „Лауреус“ има и атлетската легенда Јусеин Болт.

Бајлс пак, стана првата жена од 1987 која освоила медал во сите четири индивидуални дисциплини (прескок, разбој, греда и партер), а исто така ги освои титулите во повеќебој и со американската репрезентација на СП во Катар. Американката веќе е најуспешната гимнастичарка во историјата на СП на само 21 година.

Голферот Тајгер Вудс ја освои наградата за кам-бек на годината, откако ја освои првата титула по пет години, додека тенисерката Наоми Осака е „пробив“ на годината откако ја освои првата гренд слем титула на САД опен.

За најдобар тим во 2018 заслужено е прогласена француската фудбалска репрезентација, која го освои СП во Русија, додека легендарниот поранешен тренер на Арсенал, Арсен Венгер доби награда за животно дело.

Фото: ЕПА

Scroll to Top