Американката Кејти Ледецки победи и во својата четврта дисциплина на Светското првенство во пливање во Будимпешта, завршувајќи го настапот со своја петта последователна титула на 800 метри слободно, нешто што досега не успеало на ниту еден пливач.
Со време од 8:08.4, Ледецки беше за 10.73 секунди пред Австралијката Каја Мелвертон, за сега да ги има 27-те најдобри резултати во историјата на дисциплинта. Ова беше петто најбрзо во историјата. Со вкупно 19 освоени златни медали на СП, таа се одвои на второто место на вечната листа пред Рајан Лохти и заостанува само зад 26-те на Мајкл Фелпс.
Унгарецот Кристоф Милак, пак, повторно ја воодушеви домашната публика, победувајќи на 100 метри пеперутка со време од 50.14 секунди, победувајќи го Јапонецот Наоки Мизунума и Канаѓанецот Џош Лиено. Милак претходно во вторникот на 200 метри пеперутка стигна до златото со нов светски рекорд (1:50.34).
Швеѓанката Сара Сјестром, пак стигна до својот 18. медал на СП, победувајќи на 50 метри пеперутка, и може да стигне до 19-тото злато на 50 метри слободно, каде што е апсолутна фаворитка.