Поранешниот апсолутен шампион во тешка категорија, Ленокс Луис вели дека Ивандер Холифилд бил далеку посилен противник во неговата кариера од „Челичниот“ Мајк Тајсон.
Луис и Холифилд имаа две епски пресметки во тешка категорија во 1999 година, кои траеја вкупно 24 рунди и по кои Англичанецот остане напоразен. По контроверзното реми во Њујорк, само седум месеци подоцна Луис го победи на поени Холифилд.
„Луѓето се изненадени кога им велам дека Ивандер Холифилд ми беше најтешкиот противник, иако најтешкиот меч го имав против Мерсер, но тоа има многу смисла. Холифилд како и јас, имаше одлично искуство како аматерски боксер, почнувајќи на осум години и освојувајќи олимписка бронза во 1984 година. Пред да дојде во тешка категорија, тој направи лом во крузер категорија. Тоа значеше дека имаше огромно искуство пред да се сретнеме во 1999 година“, пишува Луис на Инстаграм.
54-годишниот Луис во кариерата боксуваше и со Тајсон, Шенон Бригс, Френк Бруно, Хасим Рахман и Реј Мерсер. Тајсон, сепак, мора да се признае боксуваше со Луис кога неговите најдобри денови беа зад него, губејќи со нокаут во осмата рунда во 2002 година.