Поранешниот шампион во тешка категорија, Ленокс Луис се согласил повторно да ги стави боксерските ракавици на 52 години и да му даде ри-меч на Виталиј Кличко, тврдат украинските медиуми.
Луис и Кличко имаа легендарен меч во 2003 година, кога Британецот обезбеди технички нокаут во шестата рунда, по што се повлече од спортот како апсолутен шампион. Мечот беше прекинат поради исеченицата над окото на Кличко, иако тој беше поактивниот боксер во рингот. Многумина сметаа дека Луис мораше да му даде ри-меч на Украинецот, и сега тоа може да се оствари, кога двајцата се пензионери.
Според „Боксинг њуз“, двете боксерски легенди ќе се најдат во рингот во „егзибициски“ меч на конвенцијата на ВБЦ боксерската федерација во Киев на почетокот на октомври. 46-годишниот Кличко ќе биде домаќин на конвенцијата како градоначалник на Киев. Кличко, очигледно, никогаш не му прости на Луис, но сега нема непријателство.
„Ленокс Луис по тој меч ми вети шанса за реванш и навистина го ценев тоа. Тој беше голем шампион“, изјави Кличко минатиот месец.
Легендарниот супер-меч од 2003 година можете да го погледнете во целост.