Top Sport

Лукас Пуј ја донесе десеттата Дејвис куп „салатара“ за Франција

Лукас Пуј целосно доминираше во мечот со Стив Дарси за да го победи во три сета со 6:3/6:1/6:0 и да ѝ донесе на Франција десетта титула од Дејвис купот по 3:2 победата над Белгија во Лил.

На фудбалскиот стадион „Пјер Моро“, преправен во тениска арена, Пуј мораше да биде „спасителот“ на Франција, откако нивниот прворангиран тенисер, Жо-Вилфрид Цонга беше лесно совладан од Давид Гофан, за резултатот да е израмнет на 2:2.

23-годишниот 13-рангиран Пуј, кој оваа година освои три трофеи (од своите четири во кариерата), исто така загуби од Гофан во сингл мечот во петокот, но против 33-годишниот Дарси доминираше во секој сегмент на играта. Кога го освои вториот сет, многубројната патриотски настроена публика во Лил веќе почна да ја пее „Марсељезата“.

За тимот на Јаник Ноа, ова е 10. титула во натпреварувањето, со што Франција, која се натпреварува од првиот Дејвис куп во 1904 година, да стане четврта најуспешна нација на светот, по САД, Австралија и Велика Британија. Последната титула, Франција ја освои во 2001 година, кога ја победи Австралија во Мелбурн.

Гофан го израмни Дејвис куп финалето

Scroll to Top