Top Sport

Лукашенко: Атлетичарката Циманускаја беше изманипулирана од надворешни сили

Контроверзниот белоруски претседател, Александер Лукашенко го прокоментира олимпискиот скандал со атлетичарката Кристина Циманускаја, која во Токио тврдеше дека е киднапирана од сопствениот олимписки комитет, по што доби азил во Полска.

„Таа не го направи тоа сама, беше манипулирана. Од Јапонија, од Токио се јави кај своите пријателчиња во Полска и тие буквално и кажаа: Кога ќе дојдеш на аеродром, истрчај кај јапонската полиција и кажи дека тие кои те носат се агенти на КГБ. Во Јапонија немавме ниту еден специјален агент“, вели Лукашенко.

Тој додава дека сите знаеле дека Циманускаја е приврзаник на белоруската опозиција и дека ИОЦ ги „притискал“ да ја пратат на Олимпијадата.

„Таа беше 36. во својата дисциплина. Што повеќе да кажам. Сите ја знаевме нејзината историја, но ја вклучивме во тимот. Ги знаевме резултатите. ИОЦ препорачуваше тоа. Седум членови на тимот, кои воопшто не ги забележавте, воопшто не требаа да бидат таму“, додава Лукашенко.

24-годишната Циманускаја на 1 август тврдеше дека насилно ја испраќаат дома во Белорусија откако ги критикувала одлуките на тренерите, посочувајќи дека наредбата пристигнала „од горе“.

Scroll to Top