Управниот одбор на Дејвис купот, решил, шпанската престолнина Мадрид да биде домаќин на ова натпреварување во 2019 и 2020 година. Мадрид победата ја однесе пред францускиот град Лил.
Меѓународната тениска федерација (ИТФ), во соработка со компанијата „Космос“, зад која стои фудбалерот на Барселона Џерард Пике, неодамна ги одобри радикалните измени во единственото репрезентативно натпреварување во тенисот. Во иднина Дејвис купот ќе се игра по турнирски формат.
Турнирот ќе се одржува на крајот од годината, ќе трае една недела, а за титулата ќе се борат 18 репрезентации.
Учеството на турнирот во 2019 година веќе обезбедија годинешните полу-финалисти (САД, Франција, Шпанија и Хрватска), односно Велика Британија и Аргентина кои добија специјални покани.
Преостанатите 12 селекции за пласман на турнирот ќе играат квалификации кои на програмата ќе бидат во февруари наредната година.