Top Sport

Македонија е еден од домаќините на ЕП – Главна цел е пласман во втората фаза

Вчера со убедливата победа на Италија над Белгија, бранителите на трофејот го отворија Европското првенсто во одбојка. Континеталниот шампионат се игра во четири држави, покрај во Италија, Бугарија и Израел една од групите ќе се игра во Скопје.

Публиката во Скопје покрај нашата репрезентација ќе има можност да ја види моќната Полска. Полјаците се актуелни светски вицешампиони и актуелни шампиони во Лигата на нации. Имаат на располагање многу квалитетен состав и без двоумење се стремат кон највисок пласман. Во групата Ц никој не треба да им прави проблеми во потрагата по првата позиција. На последните две европски првенства освоија бронза, а последен пат злато освоија во 2009 година во Турција.

Холанѓаните би можеле да бидат тимот што ќе дојде од второто место. Пред две години на ЕП беа петти.

Нема голема разлика меѓу останатите четири селекции во групата, за третото и четвртото место и место во осминафиналето ќе се борат Македонија, Црна Гора, Чешка и Данска.

Селекторот Јошко Миленковски претпладнево на средба со новинарите во Скопје порача дека одбојкарите ќе го дадат својот максимум на теренот и апелираше за голема поддршка од трибините.

– Ова е најголем настан на наше почва и можност да ја претставиме нашата држава и нашиот спорт. Со нашата желба, мотивација и борбеност сакаме да постигнеме што повеќе, поточно пласман во следниот круг. Макотрпно работевме, но не зависи само од нас зависи и од противниците. За да постигнеме добри резултати потребна ни е поддршка од сите страни, пред сè од навивачите, за да се претставиме во најдобро светло и да сториме сè за да се пласираме во втората фаза, рече Миленковски.

На настанот организиран од Одбојкарската федерација на Македонија (ОФМ) и НЛБ банка, своите очекувања ги изнесе и капитенот Никола Ѓорѓиев.

– Групата е доста тешка, прв фаворит е Полска, а тука се Холандија и Чешка, па Данска и Црна Гора кои се на наше ниво. Утре за нас е голем ден, мора да влеземе малку позрело за разлика од претходните две европски првенства. Се надевам дека ќе бидеме мудри и ќе имаме трпение, заедно со цела Македонија ќе успееме да се радуваме на убава победа. Можам да ветам дека ќе дадеме се од себе и се надевам дека утре ќе успееме да ве израдуваме, порача Ѓорѓиев.

Македонија, утре од 20 часот ќе го одигра првиот натпревар, противник на избраниците на Јошко Миленковски ќе им биде Данска.

Scroll to Top