Top Sport

Манарино го испоти Роџер, Дел Потро уште стои

Седумкратниот шампион од Базел, Роџер Федерер по 14. пат се пласираше во полуфиналето на својот домашен турнир, откако се врати од сет негатива за 4:6/6:1/6:3 победа над седмиот носител, Адријан Манарино.

Федерер не играше на нивото од претходните два меча во својот роден град, но и Манарино играше инспирирано, посебно во првиот сет, кога првпат во пет меча со Швајцарецот успеа да му одземе сет. Федерер за место во финалето ќе игра со подобриот од дуелот Давид Гофан-Џек Сок.

Хуан Мартин дел Потро пак, се мачеше во дуелот со Роберто Баутиста Агут, но стигна до 6:2/2:6/6:4 победа за пласман во трето финале во низа. Четвртиот носител се бори за место на АТП финалето во Лондон, а во неделата триумфираше во Стокхолм, додека пред две недели стигна до полуфиналето во Шангај.

Дел Потро ќе се бори за ново финале во Базел и шанса да освои четврта титула на турнирот против вториот носител и актуелен шампион, Хрватот Марин Чилиќ, кој со 7:6(3)/5:7/7:6(4) беше поупорен од Унгарецот Мартон Фучович. 29-годишниот Дел Потро има 17-3 скор од УС опен.

„Преживеав, уште стојам! Играв многу во последно време и телото веќе ми е уморно, но ќе бидам подготвен за полуфиналето на овој прекрасен турнир“, вели Дел Потро.

Scroll to Top