Само две години откако беше застрелан, Мануел Чар стана првиот германски шампион во тешка категорија по 85 години по победата на поени над Русинот Александер Устинов во Оберхаузен, Германија.
Чар, кој е роден во Либан, ја освои слободната ВБА титула, за да биде прв Германец по Макс Шмелинг од 1930 до 1932 година со појасот во тешка категорија.
„Што да ви кажам, Германија – ние сме светски шампиони. Оваа титула е посветена на Германија, земјата која ми даде шанса и ме изгради. Ова е подарок за сите вас“, изјави Чар, кој мечот го доби со 114:111, 116:111 и 115:112.
Британецот Ентони Џошуа е актуелниот „супер“ шампион на ВБА асоцијацијата и сега Чар може да се надева на дуел со него.
Чар, кој пристигна од Бејрут во Германија како петгодишник, во септември 2015 година беше застрелан во стомакот по тепачка во еден кебаб-ресторан во Есен. Тој се врати во рингот само седум месеци подоцна, но оваа година повторно го погоди „малерот“ – тој мораше да оди на операција на колкот.
„Во последните две години поминав низ сè и сешто. Но, ги стиснав забите. Лекарите велат дека сум чудо“, вели Чар.
Тој изгледаше дека има проблеми со 2.02 метри високиот Устинов, кој имаше 22.5 килограми повеќе од него. Меѓутоа, кога Русинот се умори, Чар ја презеде контролата. Во седмата рунда го имаше Устинов на јажињата, а во осмиот го „кутна“ на колена, и Русинот беше спасен од крајот на рундата.
Ова беше втор обид на Чар за титула, откако претходно загуби во четвртата рунда со нокаут од поранешниот ВБЦ шампион, Виталиј Кличко во 2012 година.