Поранешниот светски број 1, Шкотланѓанецот Енди Мареј призна дека му е жал што Новак Ѓоковиќ нема да настапи на Австралија опен по денешниот крај на сагата која трае од 6 јануари и неговата депортација од земјата.
Мареј, кој има четири порази во финалињата во Мелбурн од Ѓоковиќ, вели дека сочувствува со неговиот стар ривал од јуниорските денови.
„Не е добро за турнирот, бидејќи секогаш е подобро кога најдобрите тенисери играат. Очигледно ќе има многу прашања за тоа што се случи и ситуацијата во која тој се најде. Новак е некој што го познавам од кога имавме по 12 години, тој е човек кого го почитувам и против кого се натпреварував. Не ми се допаѓа што е во оваа ситуација и воошто не ми се допаѓа што беше во притвор“, вели Мареј за „Би-би-си“.
Тој исто така беше критичен кон тоа како се одвиваше целата ситуација.
„Не беше добро за никого. Чувството е дека тоа се случи во последен момент и на крајот се претвори во мешаница. Се надевам дека нема да има слични работи на другите турнири. Не би го сакал тоа за Новак, за тенисот и се надевам дека ова е крај“, додава Шкотланѓанецот.