Италијанскиот скијач Матео Францозо трагично го загуби животот еден ден пред неговиот 26-ти роденден откако падна за време на тренинг во Чиле.
Несреќата се случи два дена претходно на патеката во Ла Парва, од каде што беше префрлен со хеликоптер во Сантијаго, главниот град на јужноамериканската земја.
Момчето од Џенова помина два дена во индуцирана кома пред лекарите да го прогласат за мртов. Немаше начин да се спаси по бројните и тешки повреди на главата.
Францозо се натпреваруваше во најопасните дисциплини на алпско скијање – спуст и супер велеслалом.
Во својата кариера, тој забележа една победа во Европскиот куп, во супер велеслалом во Чинал, Швајцарија, додека две години подоцна стана шампион на Италија во алпска комбинација.
Двапати заврши меѓу првите 30 на трките од Светскиот куп – беше 28-ми во 2023 година во Кортина д’Ампецо и минатиот февруари во Кранс-Монтана, Швајцарија, каде што заврши 30-ти – двата пати во супер велеслалом.
Скијачкиот свет се збогува со Матео. Во соопштението на Светската скијачка федерација се огласија бројни скијачи од самиот светски врв.
„Моите мисли и емоции се со семејството на Матео, пријателите, тимот и целата наша заедница“, напиша Микаела Шифрин, а слични коментари оставија и Феликс Нојретер, Кјетл Јансруд, Александар Амодт Килде, Марко Шварц, Дидие Куше, Аксел Лунд Свиндал…
Но, покрај изразувањето сочувство, многу стручњаци и фанови повикуваат на зголемена безбедност.
„Оваа трагедија сега бара достоинствено молчење поради тагата на неговото семејство, пријателите и колегите во големото скијачко семејство. Сепак ќе биде потребно посилно да се справиме со прашањето за безбедноста, патеките со несериозна заштита или со лошо одржување. Сериозни проценки, одлуки, акции. Нека сеќавањето на Матео, кој утре ќе наполнеше 26 години, биде поттик за спречување на други слични трагедии“, рече италијанската новинарка Лиа Капици.