Top Sport

Мечир по 24 години заминува од словачкиот тим

Милослав Мечир се повлече од позицијата капитен на словачката Дејвис куп репрезентација, ставајќи крај на 24-годишното водење на тимот.

Мечир беше единствен капитен на тимот од 1994 година, кога Словачка дебитираше во Дејвис купот по распаѓањето на Чехословачка во 1993 година. 53-годишниот поранешен тенисер од Братислава, сега го дели рекордот за најдолгорочен капитен во натпреварувањето заедно со Австралиецот Нил Фрејзер.

Мечир беше капитен во 55 дуели, оствари скор од 34-21, а седум години неговата репрезентација беше во Светската група. Неговиот најголем успех е финалето во Братислава во 2005 година, кога загубија со 3:2 од Хрватска по триумфот на Марио Анчиќ во последниот одлучувачки меч над Михал Мертинак.

„Милослав ти благодариме за овие 24 години. Остваривме големи резултати и ти влијаеше на сите нас“, вели Доминик Хрбати, поранешниот тенисер кој ги оствари двете сингл победи за Словачка во финалето во 2005 година.

Пред да биде капитен, Мечир беше играч за Чехословачка од 1983 до 1990 година, олимписки шампион во сингл и двојки од Сеул во 1988 година, а играше и во две гренд слем финалиња – на САД опен во 1986 и на Австралија опен во 1989 година.

Scroll to Top