Вториот тенисер во светот, Русинот Данил Медведев, се уште се надева на настап на третиот Грен слем турнир во сезоната – Вимблдон. Организаторите на Вимблдон им го забранија настапот на руските и белоруските тенисери поради руската воена инвазија на Украина.
Одлуката ја осудија АТП и ВТА и бројни играчи, меѓу кои и Новак Ѓоковиќ, а Шпанецот Рафа Надал одлуката ја нарече „неправедна“.
„Се обидов да следам што се случува, во моментов се работи за самиот Вимблдон, можеби е вмешана и британската влада“, рече 26-годишниот Русин и дополни.
„Тоа е непријатна ситуација и како секоја ситуација во животот, ако прашате 100 играчи, секој од нив ќе има поинакво мислење“.
Шампионот на последниот Ју-ес опен се надева дека Ол Ингланд клаб би можел да ја промени својата одлука до турнирот кој започнува на 27 јуни.
” Ако можам да играм, со задоволство ќе играм на Вимблдон. Го сакам овој турнир. Ако не можам да играм, ќе се обидам да играм на други турнири и добро да се подготвам за наредната година“, додаде Медведев.
Во меѓувреме, Медведев, по неколку неделната пауза, на терените ќесе врати во Женева оваа недела.