Поранешниот шампион во тешка категорија, Британецот Тајсон Фјури вели дека има договор за меч против ВБЦ шампионот Дионтеј Вајлдер.
Фјури се врати во рингот по 32-месечна пауза со лесна победа во контроверзен меч против Сефер Сефери минатиот месец и 29-годишниот „Џипси кинг“ ќе боксува со Италијанецот Франческо Пјанета на 18 август, пред да го најави мечот против Вајлдер во декември.
„Прво ќе го смачкам Пјанета, а потоа Вајлдер, ајде да танцуваме“, напиша Фјури на Твитер.
Фјури го шокираше Владимир Кличко во Диселдорф во 2015 година за да ги освои неговите ВБА, ИБФ и ВБО титули пред во 2016 да биде суспендиран откако призна дека земал кокаин. Оваа година тој прифати двегодишна суспензија (која веќе истече), по што се врати во рингот против гостиварецот Сефери.
Вајлдер, од друга страна, имаше неуспешни преговори со Британецот Ентони Џошуа за меч за обединување на титулите.
„Јас сум човек од збор и кога ќе кажам дека ќе влезам во ринг со некого го правам тоа. Преговорите се при крај и речиси сме договорени“, додава Фјури.