Пресметката за обединување на титулите во тешка категорија помеѓу двете британски ѕвезди Ентони Џошуа и Тајсон Фјури во август во Саудиска Арабија е „мртов“, тврди промотерот на Фјури, Боб Арум.
Промотерот на Џошуа, Еди Херн во четвртокот изјави дека е „100 отсто сигурен“ дека мечот ќе се случи и покрај одложувањата, откако организаторите во Саудиска Арабија нудат огромна сума за мечот, но Арум вели дека не е возможно да се комплетираат преговорите и најави дека двајцата боксери треба да си бараат други противници.
„Ќе бидат потребни месеци Саудијците да се согласат на ваков договор. Не се работи само за парите за организаторите, туку и барања за ТВ-правата и други работи. За тоа ќе бидат потребни месеци, и според сегашната ситауција, може да се работи за 2022. Мечот во јули и август е мртов за нас. Двајцата боксери треба да бараат други мечеви ова лето додека траат преговорите. Да бевме блиску до договор веќе ќе го потпишевме. Тајсон Фјури веќе не сака да чека“, вели Арум.
Фјури и претходно даде неколку пропуштени ултиматуми за организација на мечот, признавајќи дека е исфрустриран од „бегањето“ на Џошуа.