Најголемата ММА ѕвезда, Конор Мекгрегор ќе остане без својата УФЦ титула во лесна категорија, но Ирецот тешко дека ќе остане разочаран, бидејќи сè поизгледно е дека ќе добие нова пресметка со Флојд Мејведер Јуниор, овојпат во ММА октагонот.
Оваа информација ја потврди првиот човек на УФЦ, Дејна Вајт.
„На Конор ќе му биде одземен појасот и тоа наскоро ќе го потврдиме. Категоријата мора да оди понатаму без него. Дуелот меѓу Хабиб Нурмагомедов и Тони Фергусон ќе го одлучи новиот шампион“, изјави Вајт.
Според американскиот портал „ТМЗ“, договорот за дуел со Мејведер е многу блиску, откако американскиот боксер неколку пати најави дека би можел да заработи милијарда долари во УФЦ.
„Преговорите одат многу добро и не сме далеку од договор. До крајот на годината ќе имаме меч“, изјави анонимен член на УФЦ за „ТМЗ“.
Мекгрегор последен пат беше во ММА рингот во ноември 2016, кога го победи Еди Алварез со нокаут во втората рунда, по што се подготвуваше за боксерското деби во кое минатиот август беше нокаутиран од Мејведер во 10-тата рунда, иако не покажа толку лоша форма колку што многумина очекуваа.