Ирската УФЦ ѕвезда, Конор Мекгрегор ќе го има својот долгоочекуван камбек во кафезот против Доналд Серон на 18 јануари, и во последното интервју за „ЕСПН“ тој вети дека ќе биде „спектакуларно“ од почеток, но уште понеочекувано изрази почит кон противникот.
Мекгрегор првиот од трите предвидени мечеви во 2020 ќе го има во Лас Вегас на УФЦ 246 следниот викенд, по што има желба да се бори со Хорхе Масвидал и секако, да добие ри-меч со Хабиб Нурмагомедов, фајтерот со кого имаше долга вербална војна пред да загуби во 2018 година во четвртата рунда.
„Реков дека ќе се борам со Доналд, нели? Имаме долга историја и мечот е возбудлив за мене и за фановите. Го почитувам Доналд, морам да го кажам тоа. Тој се бореше повеќе пати во последните години, а исто така е и семеен човек, што навистина го почитувам“, објаснува Мекгрегор.
Овојпат, Мекгрегор не влезе во вербална војна со противникот, повеќе зборувајќи за неговите подготвки.
„За мене, во овој дел од животот, тоа е подобро така. Среќен сум што се враќам и што ја почнувам сезоната со Доналд. Ќе биде одлична вечер и ќе блеснам на 18 јануари. Ќе има магија во октагонот, како секогаш со мене“, додава Мекгрегор.