Top Sport

Мекинро: Најдете решение, Новак мора да игра во Њујорк

Легендарниот тенисер Џон Мекинро апелираше до американските власти да му дозволат на Новак Ѓоковиќ да настапи на последниот Грен слем турнир во сезоната, Ју-ес опен.

„Мораме да го средиме тоа. Ѓоковиќ мора да игра на Ју-ес опен. Некој да најде решение како тоа може да се случи бидејќи навистина ни треба овој неверојатен шампион овде“, изјави Мекинро за „Tennis365.com“.

Српскиот тенисер неодамна по седми пат во кариерата го освои Вимблдон.

„Ѓоковиќ не ја добива почитта што ја заслужува, но тој е џентлмен. Не се согласувам со одлуката да не се вакцинира, но ја почитувам“, изјави легендарниот американски тенисер.

Тој потсети дека Ѓоковиќ на почетокот на годината беше депортиран од Австралија.

„Штета што се најде во таква ситуација. Целосен дебакл. До тој степен што буквално го избркаа од Австралија. Начинот на кој се одвиваше се беше страшен, а Ѓоковиќ ги надмина сите тие работи. Тој сигурно е ментално најсилниот играч што сум го видел на теренот“, заклучи Мекинро.

Scroll to Top