Менаџерот на Хабиб Нурмагомедов, Али Абделазиз открива дека спонзори од Саудиска Арабија нудат 100 милиони долари за меч на УФЦ шампионот во лесна категорија, но додава дека Флојд Мејведер Јуниор, непоразениот боксерски шампион е пред Конор Мекгрегор на листата на пожелни противници.
Абделазиз тврди дека веќе преговарал со саудиските власти, кои се доволно богати да ја удвојат сумата од 40 милиони долари која ја платија за организација на мечот помеѓу Ентони Џошуа и Енди Руиз Јуниор во боксерскиот ринг во Ријад во декември.
Саудијците би сакале да го видат Мејведер и Мекгрегор во борба, но Абделазиз вели дека американскиот боксер е прв на листата бидејќи Мекгрегор не се докажал доволно по победата над Доналд Серон.
„Не можеш да добиеш меч за титулата со победа над човек од 36 години, а претходно си загубил. Секако, јас и Хабиб не сме импресионирани. Тоа беше добро за него, но ако сака меч за титула треба да се бори со момци како Џастин Гетџи, Ислам Махачев, момци кои се надежни. Разговараме со луѓе од Саудиска Арабија, кои би платиле 100 милиони долари Хабиб да дојде таму. Сакаат да му платат за дуел со Флојд“, вели Абделазиз во интервју за американската „ТМЗ спортс“.
Според менаџерот, ваков дуел би вредел повеќе од 600-те милиони долари кои се направија на дуелот на Мекгрегор и Мејведер пред неколку години.