Гаел Монфис ја имаше својата најдобра шанса досега за да ја скрши „клетвата“ против светскиот рекет број 1, Новак Ѓоковиќ, но пропушти три меч-топки за да загуби во драматични три сета со 2:5/7:6(8)/6:1 во полуфиналето на Дубаи шампионатот.
Французинот експресно го освои првиот сет со 6:2, по што направи брејк и во вториот, но упорниот Ѓоковиќ успеа да се врати и да примора тај-брејк, во кој Французинот имаше совршена шанса за сензационална победа, но Ѓоковиќ како и секогаш најде начин да се врати во игра. По двата возбудливи сета, во третиот немаше интересен тенис, откако Французинот имаше очигледен проблем со повреда на ногата и не можеше да го даде максимумот.
За Монфис, кој игра во фантастична форма оваа сезона, ова беше прв пораз по 12 победи по освојувањето на титулите во Монпелје и Ротердам, додека од друга страна Ѓоковиќ го продолжува победничкиот старт на 2020, со 17 победи во низа, кои вклучуваа трофеи од АТП купот и од Австралија опен.
За титулата, Ѓоковиќ ќе се бори со грчкиот ас Стефанос Циципас, кој лесно со 6:3/6:2 го совлада Британецот Ден Еванс во второто полуфинале.