Top Sport

Мугуруза го „избриша подот“ со Шарапова!

Гарбиње Мугуруза покажа дека е подготвена за уште една титула од Ролан Гарос, откако со 6:2/6:1 ја „збриша“ Марија Шарапова за пласман во полуфиналето на гренд слемот во Париз.

Иако се очекуваше дека ќе се работи за тесно четврт-финале, бидејќи Мугуруза досега никогаш во кариерата ја немаше победено Шарапова, Русинката едноставно немаше одоговор за фуриозната игра на Шпанката.

За Шарапова, која играше на Ролан Гарос првпат од 2015 година, ова е најлош пораз на гренд слем по 6:3/6:0 поразот од Викторија Азаренка во финалето на Австралија опен во 2012 година. 31-годишната Русинка загуби дури шест брејка, направи 27 неизнудени грешки и освои само пет поени на свој сервис во вториот сет.

„Пресреќна сум што сум во уште едно полуфинале во Париз. Играв против голема тенисерка и морав да бидам најдобра што можам“, вели Мугуруза.

24-годишната шампионка од 2016 година, сега ќе има вистински тест бидејќи за место во големото финале ќе се бори со Романката Симона Халеп, која се врати од еден сет негатива за 6:7(2)/6:3/6:2 победа над двократната гренд слем шампионка, Германката Анџелике Кербер.

Во четврток се игра првото полуфинале, американскиот дуел меѓу Слоун Стивенс и Медисон Киз, кое всушност е реприза на минатогодишното финале на САД опен.

Фото: ЕПА

Scroll to Top