Хрватскиот ватерполо-судија Марко Матијавиќ неодамна заврши во базенот откако еден исфрустриран навивач на Војводина се налути при резултат 7:7 против Црвена звезда во регионалната лига.
Според српскиот портал „Ало.рс“, последен пат вакво нешто се случило во 1980 година кога во базенот заврши легендарниот судија Жељко Клариќ. Матијавиќ вели дека како поранешен ватерполист воопшто не му пречела водата.
„Бев изненаден, но како поранешен ватерполист и тренер водата ми е нормално опкружување. Сепак, подоцна размислував дека можеше да ме удри со штица или со рака“, вели Матијавиќ.
53-годишниот навивач пред да заврши во полиција му се извини на судијата во соблекувалната, а потоа се правдаше дека си тргнал да си оди кога го „фатил грч“ во ногата и случајно го турнал судијата.
Матијавиќ вели дека не верува дека тоа што е Хрват било одлучувачки за инцидентот.
„Сигурен сум дека тој не знаеше откај сум. Беше лут што Војводина не победи. Потоа заедно дававме изјава за полицијата, а тој се извинуваше. Штета што неговиот тим ќе страда поради ова“, додаде Матијавиќ, кој посочи дека повторно ќе суди на мечевите во Србија.