Рафаел Надал уште еднаш покажа колку може да биде застрашувачки на Ролан Гарос, дозволувајќи му само четири гема на Аргентинецот Гвидо Пелја во едностран дуел од второто коло.
Шпанецот, кој има неверојатен скор од 81-2 на Франција опен, стигна до импресивна победа од 6:2/6:1/6:1 на теренот „Сузан Ленглен“, за да добие дуел против домашниот фаворит, тенисерот од неговата генерација, Ришар Гаске, кој со 6:2/3:6/6:3/6:0 го победи Малек Џазири од Тунис.
Надал и Гаске беа ривали од јуниорскиот тенис, а на АТП турнејата имаат 15 меѓусебни дуели, а Шпанецот има неверојатен скор од 15-0. Гаске последен пат освои сет против Надал на Мастерсот во Торонто пред 10 години.
„Ќе го дадам својот максимум, но ако не се случи некоја катастрофа, мечот е негов. Тој е навистина посебен тенисер и сите го знаеме тоа. Ќе се обидам да одиграм добро бидејќи ќе бидам на централниот терен“, вели Гаске.
Во другите мечеви, Австриецот Доминик Тим му се одмазди на грчкиот тинејџер Стефанос Циципас за поразот во Барселона со 6:2/2:6/6:4/6:4 победа, а во третото коло е и хрватскиот ас Марин Чилиќ, кој со 6:2/6:2/6:7(3)/7:5 го победи Полјакот Хуберт Хуркац.