Рафаел Надал ја избегна судбината на својот вечен ривал, Роџер Федерер и го совлада Хуан Мартин дел Потро во драматични пет сета со 7:5/6:7(9)/4:6/6:4/6:4 за да се пласира во полуфиналето на Вимблдон, каде што го чека уште еден стар „познаник“, Новак Ѓоковиќ.
Надал пристигна на „Ол Ингланд клубот“ без ниту еден меч на трева досега оваа сезона, откако по освојувањето на 11. титула на Ролан Гарос замина на заслужен одмор, и малкумина му даваа големи шанси во Лондон. Меѓутоа, тој успеа да се врати од 2:1 негатива против упорниот Дел Потро и по 4 часа и 48 минути да остане во игра за двојна летна гренд слем „програма“.
Во второто полуфинале ќе игра Јужноафриканецот Кевин Андерсон, кој го елиминираше Федерер, и Американецот Џон Изнер, кој со 6:7(5)/7:6(7)/6:3/6:4 го сопре Канаѓанецот Милош Раонич.
Фото: ЕПА