Рафаел Надал вели дека е подготвен да го изддржи апсолутниот напад на Роџер Федерер кога двајцата ќе се сретнат во утрешното полуфинале на Ролан Гарос првпат по осум години на славните француски терени.
Иако Федерер ги доби последните пет дуели во ривалството од 38 меча, ниту една од тие победи не беше остварена на земја, омилената подлога на Надал. Во претходните пет дуели на Ролан Гарос, од кои четири беа финалиња, Федерер никогаш не освоил повеќе од еден сет.
Надал, кој оди на рекордна 12-та титула во Париз, вели дека историјата не е важна и очекува апсолутна офанзива од Швајцарецот по лесниот пласман во полуфиналето.
„Нема два исти меча со Роџер. Секогаш се обидувам да направам нешто. Да видиме што ќе се случи. Но, очекувам да игра агресивно, да го менува ритамот, да излегува на мрежа. Тоа е моето чувство. Игра добро и има тенис да ме победи, така што морам да бидам цврст. Да бидам доволно силен за да не му дозволам да прави работи од добри позиции“, вели Надал пред тениското „Ел класико“.
Федерер оди на втора титула на Ролан Гарос, 10 години откако го победи Робин Содерлинг во финалето, и досега има загубено само еден сет откако претходно ги пропушти последните три изданија на Ролан Гарос.
„За мене да стигнам до Рафа никогаш не било едноставно. Беа потребни пет меча да стигнам дотука. Затоа сум среќен што играм со Рафа – кога сакаш да оствариш нешто на земја, некогаш ќе мораш да играш со него. Знаев дека тоа е можно кога се вратив тука“, вели Федерер.