Рафаел Надал со победата во четири сета над ник Кирјос избори пласман во четврт-финалето на Австралија опен.
Првиот носител на турнирот по голема борба го совлада Австралиецот со 6/3, 3/6, 7/6, 7/6. Во наредното коло Надал ќе игра против Доминик Тим.
Првиот сет му припадна на Надал, кој ја искористи лошата игра на Кирјос. Еден брејк му беше доволен на Шпанецот да го добие сетот. Кирјос на идентичен начин возврати во вториот сет.
Третиот сет донесе голема борба и тај-брејк, во кој Надал во финишот ги казни лошите реакции на Кирјос.
Тај-брејк се играше и во четвртиот сет кој Надал можеше да го реши во десеттиот гем меѓутоа Кирјос на спектакуларен начин успеа да направи брејк.
Пласман во четврт-финалето избори и седмиот носител Александар Зверев. Германецот многу полесно од прогнозите се справи со Андреј Рубљов.
Германецот за 99 минути игра ги доби трите сета со идентични 6/4.
Зверев во четврт-финалето ќе игра против Стен Вавринка кој претходно го елиминираше четвртиот носител Данил Медведев.