Top Sport

Надал преку Кукушкин, Ѓоковиќ игра добро и на теренот број 2

Светскиот рекет број 1, Рафаел Надал обезбеди победа во три сета над Михаил Кукушкин од 6:3/6:4/6:4 за пласман во третото коло на Вимблдон, каде што го чека Австралиецот Алекс де Минаур.

Шпанецот, кој е двократен шампион од Лондон, но последните сезони нема најдобри резултати на тревнетиот гренд слем, започна споро против светскиот број 77., но потоа играше многу подобро за само третпат да влезе во третото коло од 2011 година.

17-кратниот гренд слем шампион исто така имаше „борба“ и во третиот сет, кога мораше да спасува повеќе брејк-топки, но на крајот неговата прецизност беше премногу за Казахстанецот.

На Новак Ѓоковиќ не му пречеше тоа што организаторите и покрај тоа што тој е трикратен шампион на Вимблдон го поставија на теренот број 2, победувајќи го Аргентинецот Хорасио Зебалјос со фанастични 6:1/6:2/6:3, иако во вториот сет мораше да добие медицинска помош за повреда на мускулот на стомакот.

Вимблдон реши на Централниот терен да го постави Британецот Кајл Едмунд, но шампионот од 2011, 2014 и 2015 година покажа дека полека се враќа во својата препознатлива форма.

Фото: ЕПА

Scroll to Top