Рафаел Надал вели дека доколку условите се такви како во моментов, тој не би патувал на САД опен на Флешинг Медоуз, иако е актуелен шампион.
Засега е сигурно дека до почетокот на август нема рестартирање на АТП и ВТА турнеите поради пандемијата на корона вирус, но САД опен и Ролан Гарос уште не се откажани. Зборувајќи еден ден по својот 34. роденден, Надал вели дека мора да се гледа реалноста.
„Да ме прашате денеска дали сакам да патувам во Њујорк за да играм тениски турнир, сигурно ќе ви кажам не. За неколку месеци не знам. Се надевам дека ќе бидам таму. Ќе мораме да добиеме повеќе информации за тоа како ќе се развива ситуацијата со вирусот, бидејќи Њујорк е еден од најпогодените градови. Мразам идеја на тенис без гледачи, но ако тоа е единствениот начин, зошто да не?“, вели Надал.
САД покрај од пандемијата се погодени од огромниот број на протести по смртта на Џорџ Флојд.
„Секако, загрижен сум што ги гледам овие катастрофи на улиците. Насилството и пандемијата создаваат тешка атмосфера за целиот свет. Треба да останеме смирени, да ги почитуваме сите и да живееме во мир“, додава Шпанецот.