Третиот светски тениски рекет во моментов, Шпанецот Рафаел Надал смета дека поразот од Рубљов во Монте Карло, во четвртфиналето на Мастерсот не е страшен затоа што неговата цел е да се подготви што е можно подобро за големите натпреварувања.
„Сакам да освојувам турнири, тоа го сакам, важно ми е. Ролан Гарос може да се освои со титули на претхдните натпреварувања, но и без нив. Секако, полесно е кога се освојуваат титули во низа, како што правев јас најчесто на земјена подлога, но сега имам скоро 35 години и ситуацијата малку е поинаква“ вели Надал.
Тој смета дека причината за слабиот настап во Монте Карло е долгата пауза.
„Основната цел ми е да имам шанса за титулата, да бидам конкурентен на секој турнир. Во Монте Карло се чувствував комфорно, но секогаш е тешко да се вратите по долга пауза. Тогаш лесно се случува меч како оној против Рубљов“ смета шпанскиот ас.
Во просек, Надал на земјена подлога во кариерата добил 9 од 10 натпревари, а на Ролан Гарос доживеал само 2 порази – од Содерлинг во 2009-та и од Ѓоковиќ во 2015. година.