Top Sport

Надал се спаси во маратонот со Шаповалов, Новак оди на Циципас во четвртфинале

Вториот светски рекет во моментов, Шпанецот Рафаел Надал одигра маратонски меч (3 часа и 30 минути) на Мастерс турнирот во Рим за да обезбеди пласман во четвртфиналето. Предмалку тој со 2-1 во сетови (3-6 6-4 и 7-6) го совлада 19-тиот на АТП листата, Денис Шаповалов од Канада.

22-годишниот тенисер со 6-3 го доби првиот сет, а имаше и водство од 3-1 во вториот сет. Сепак шпанскиот ас со два брејка во вториот дел од сетот успеа да направи пресврт и да се избори за решавачки трет сет.

Во него двајцата тенисери имаа два брејка едно подруго, за 4-4.

Следуваше водство на Шаповалов од 5-4 и експресна реакција на Надал за 5-5. Мечот мораше да се решава во тај-брејк иако Надал претходно спаси една меч топка во 12-тиот гем.

Искуството на 35-годишниот Шпанец беше пресудно. 7-3 во тај-брејк за четвртфинале во кое го чека подобриот од дуелот Нишикори – Зверев, кој е во тек.

Утринава без поголеми проблеми пласман меѓу осумте најдобри во Рим обезбеди Новак Ѓоковиќ. Тој експресно со 2-0 (6-2 и 6-1) беше подобар од Шпанецот Давидович Фокина.

Ривал на Ѓоковиќ во утрешното четвртфинале ќе му биде Стефанос Циципас кој денеска со 2-0 (7-6 и 6-2) славеше против домашниот тенисер, Матео Беретини.

Во останатите мечеви кои досега завршија во Рим елиминација доживеа Русинот Аслан Карацев, подобар со 2-0 од него беше Американецот Рајан Опелка. Четвртфинале на турнирот ќе игра и Аргентинецот Делбонис кој со 2-0 го совлада Оже-Алијасим.

Scroll to Top