Top Sport

Надал со епски камбек до гренд слем број 21, подобар од Ѓоковиќ и Федерер!

Рафаел Надал направи неверојатен камбек од два сета негатива за 2:6/6:7(5)/6:4/6:4/7:5 победа над Данил Медведев во финалето на Австралија опен, за да стане првиот човек во историјата со 21. гренд слем титула во кариерата, поминувајќи ги старите ривали Роџер Федерер и Новак Ѓоковиќ.

Федерер уште се опоравува од операцијата на коленото и не беше присутен во Мелбурн, додека светскиот број 1 Ѓоковиќ имаше крајно непријатно искуство во Австралија, која двапати му ја одбиваше визата поради тоа што не е вакциниран, за на крајот да го депортира.

Без него, Надал беше фаворит за титулата, но во финалето налета на Медведев, Русинот кој минатата есен успеа да го стопира Ѓоковиќ да стигне до 21. гренд слем титула и до календарскиот гренд слем, победувајќи го во финалето на САД опен во Њујорк. Стартот целосно му припадна на Русинот, кој доминантно го освои првиот сет со 6:2, по што се врати од брејк негатива во вториот за да го добие во тај-брејк со 7:5.

Меѓутоа, шпанскиот „бик“ не се предаде и фуриозно ги освои следните два сета, за во израмнувачкиот да дојде до ран брејк, пред Русинот да израмни на 5:5. Меѓутоа, веќе во следниот гем, Надал направи брејк, а конечно да ја комплетира импресивната победа со 7:5 по 5 часа и 24 минути игра.

Scroll to Top