Рафаел Надал и Доминик Тим се двајца тенисери кои се познати како специјалисти за игра на земјена подлога, но двајцата ќе се судрат во четврт-финалето на хардкорт гренд слемот на Флешинг Медоуз по победите во неделата.
Надал против себе го имаше најдобриот грузиски тенисер, Николас Басилашвили, кој му создаде проблеми во третиот сет, земајќи му го во тај-брејк, пред Шпанецот да победи со 6:3/6:3/6:7(6)/6:4.
Доминик Тим, пак, првпат во кариерата влезе во четврт-финалето на САД опен, откако со 7:5/6:2/7:6(2) го совлада финалистот од Вимблдон, Јужноафриканецот Кевин Андерсон. Ова е прв гренд слем кој не се игра на земја на кој Австриецот го минува четвртото коло.
24-годишниот Тим не се соочи со ниту еден брејк на свој сервис, губејќи сасмо четири поени на прв сервис и упатувајќи 42 директни победнички топки за да го подобри скорот против Андерсон на 2-6.
Фото: ЕПА